Целта на проектот „Стоп за лоши навики “е подигнување на свесноста за значењето на примарната превенција на незаразните заболувања, кои се водечка причина за морталитет и морбидитет во Македонија. Незаразните заболувања, како што се кардиоваскуларните болести, карциномот, хроничните респираторни заболувања и дијабетесот, претставуваат сериозен јавно-здравствен предизвик, поради што е неопходен систематски пристап за намалување на нивната појава. Преку промоција на здрави животни навики и спречување на штетни однесувања, проектот се стреми да го промени јавниот дискурс за овие здравствени закани, насочувајќи го кон позитивен ангажман и проактивна грижа за здравјето.
Во рамките на проектот ќе се организираат различни активности, меѓу кои панел дискусии на кои ќе се разгледаат алатките кои треба да се дистрибуираат до лекарите, со цел подобрување на комуникацијата со пациентите на оваа тема и зголемување на успехот при откажување или намалување на штетните навики. Исто така, ќе се одржат работилници за едукација на јавноста и професионалците, фокусирани на придобивките од здравите навики и значењето на превенцијата како долгорочна инвестиција во здравјето.
Како финален резултат, во соработка со тим од експерти и лекари, ќе се изработи сеопфатен водич за здрави навики. Овој водич ќе биде дистрибуиран во јавноста со цел да се поттикне примена на принципите на здраво живеење во секојдневниот живот на секој поединец, што е основен чекор кон намалување на ризикот од незаразни заболувања.
Проектот е дизајниран да влијае на три основни нивоа на комуникација: првото е комуникација меѓу стручната фела и јавноста, второто е зајакнување на соработката и размената на знаења меѓу лекарите, а третото е подобрување на дијалогот меѓу стручната фела и регулаторните тела кои ги донесуваат одлуките во однос на правната рамка во Македонија, особено во поглед на регулирање на штетните навики.
Во поширока смисла, проектот се стреми да ја зголеми свесноста за научните напори меѓу професионалците и општата јавност, истакнувајќи ја посветеноста на практики засновани на докази во доменот на Намалување на Штетите (Harm Reduction).
*Овој проект е финансиски поддржан од страна на “Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп” (ФМТКП). ЗЛС и ФМКТП заеднички го спроведуваат овој проект – “Стоп за лоши навики “ со цел да се овозможи подигање на свеста и јавната и научната дискусија за концептите за намалување на штети.