Под мотото „Иднината сега!“ Здружението на Лекари Специјализанти одржа панел дискусија на која беа споделени мислења за одливот на медицински кадар вон границите  на државата, предлог решенија за запирање на трендот и зајакнување на здравствените капацитети. Воедно беа посочени проблемите со кои се соочуваат младите лекари.

Претседателката на Здружението на лекари специјализанти д-р Александра Георгиева како организатор на вечерашната трибина рече дека најголем број на младите лекари и специјализанти би останале во државата доколку имаат загарантирано работно место. Георгиева даде три предлози кои би допринеле до забавување на одливот на лекари и здравствени работници.

„На анкетата која ја спроведовме пред оваа панел дискусија дури 70% од испитаниците изјавија дека би останале во рамките на својата држава доколку имаат загарантирано работно место. Затоа предлагаме во законот за здравствена заштита кој во моментот е во собрание и веќе трпи измени да се вметне правото на загарантирана плата и дежурства за приватните како и платени дежурства за државните специјализанти. Друг горлив проблем е едукацијата и кариерниот развој, како втора најбитна причина за миграција, тука ЗЛС предлага креирање на програма за едукација во странство на специјализанти, но и млади специјалисти. Третиот предлог е редизајнирање на критериумите за вработувања особено во терциерното здравство, преку формирање на работна комисија во рамките на Министерството за здравство составена од претставници  на Влада, Министерство за здравство  и здруженијата на млади лекари која ќе креира предлог измени, кои би се имплементирале во тек 2023 година“, изјави Георгиева од на Здружението на лекари специјализанти.

Дел од пораките кои ЗЛС вчера ги пренесе се следните:

– Потребни се системски промени, младите лекари специјализанти мора да останат во рамките на државата.

– Државата нема луксуз да губи лекари

– Демографската состојба покажува зголемена потреба од здравствен кадар. Не смееме да дозволиме одлив на лекари.

– Здравствениот систем е стобл  на државата. Младите лекари мора да останат дома.